Александра, член на здружението за поддршка на онколошки пациентки „Љубов сме“ во подкаст ЗРАК со д-р Марина сведочеше за нејзината борба со карциномот на дојка.
„Моето патешествие започна уште месец во јуни, но во мојот случај станува збор за грешка на доктор. Тоа ќе го кажам јавно и не се срамам и не се плашам да го кажам. Јас првата промена на мојата лева дојка ја почуствував на 28 јуни. Јас отидов на контролен преглед, имав 38 години а до 40 години старост не е дозволено да правиш мамографија. Бев во Градската општа болница на ехо за да ми биде кажано дека станува збор за хормони, заради тоа што кај мене немаше како кај моите соборки па да кажам дека можам јас да опипам некој визуелна промена. Мојот тип на канцер беше на цела мембрана и брадавицата едноставно само се вовлече. Тоа беше јуни, во август на спиење имав силно срцебиење и до утрото јас имав оток до врат. Благодарение на мои блиски што работат во здравството и јас сама појдов на преглед иако знаев дека тоа што ќе го слушнам нема да биде добро“ објаснува Александра.
Според неа во борбата против ракот најголемата поддршка доаѓа од најблиските, но и од пријателите, од колегите.
„Најблиските се тие што ја даваат најголема поддршка и позитивната енергија ја собирам од секого. Сега се будам полна со позитивна енергија“ вели таа додавајќи дека токму затоа е дел и од здружението „Љубов сме“