Skip to main content
Македонија

Во 2024 година најмногу пријави за труења со храна и за производи со поминат рок

06/01/2025  10:51

Внатрешниот промет на храна од неживотинско и животинско потекло, од почетокот на 2024 година заклучно со ноември бил покриен со околу 30 000 контроли кај оператори во рамки на редовните, вонредните и реализирани надзори. Како небезбедни се уништени педесеттина тони храна, за отстранување поради утврдени недоследности се издадени околу 2 000 решенија, а изречени се и приближно 300 парични казни.

Анализите на податоците за спроведените надзори во 2024 година, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ќе ги евалуира во првите месеци од годинава. Тие ќе ја дадат и точната бројка – колку вкупно контроли спровеле официјалните ветеринари и инспекторите за храна во внатрешниот промет и при увоз.

Како што велат за МИА од АХВ, досега реализираните контроли во внатрешниот промет и при увоз, 117 465, ветуваат дека не само што ќе се достигнат, туку и ќе се надминат спроведените 125 909 контроли во 2023 година на операторите со храна во земјава и на пратки што се увезуваат и транзитираат низ државава.

Во втората половина од 2024 година, Агенцијата за храна и ветеринарство ги интензивираше вонредните инспекциски контроли, ставајќи акцент на контролите кои ги спроведе кај операторите со храна кои работат со ранливите категории граѓани: игротеки, домови за стари лица, кујни во градинки и основни и специјални училишта, пазари за стари работи, но и во угостителски објекти.

При увоз на храна од неживотинско потекло се реализирани 44 137 инспекциски надзори, а при увоз на производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храната, 10 352. Инспекторите за храна на граничните премини како небезбедни, вратиле/уништиле седум пратки со над 74 тони небезбедна храна од неживотинско потекло, истакнуваат од АХВ.

Во однос на здравствената заштита и благосостојбата на животните, нивната идентификација и регистрација, спроведени се над 14 000 инспекциски контроли од страна на официјалните ветеринари. Издадени се 267 решенија за едукација и 136 наредби/забрани за отстранување недостатоци утврдени со контролите.

-Во врска со контролите на официјалните ветеринари на граничните премини при увоз на храна од животинско потекло, добиточна храна и увоз на живи животни, од јануари се спроведени 20 479 надзори од кои 15 431 на пратки за увоз и 5 048 контроли во однос на пратките кои транзитираат низ земјава, напоменуваат од Агенцијата.

Вкупно 14 од пратките биле небезбедни. Вратени се девет, а нештетно се уништени пет пратки од увоз.

По пријави од граѓани и по утврдена состојба на терен бездомните кучиња се заловуваат, но често при заловување на кучињата се утврдува дека тие имаат микрочипови, односно сопственици, поради

Годинава, во Базата на податоци за вршење вонреден инспекциски надзор на Одделението за заштита на потрошувачите се евидентирани вкупно 317 иницијативи. Најчести наводи во иницијативите остануваат пријавите за неодговорно сопствеништво 36 и за напади и каснувања од куче 14. Што се однесува до храната, примат имаат иницијативите за сомнеж за труење со храна, 13, за производи со поминат рок на употреба, 12, за присуство на контаминенти, 8, како и за нехигиена, 7, информираат од АХВ за МИА.