Skip to main content
Македонија

Владата донесе одлука за помош на млади и младински организации

06/05/2025  18:57

Владата донесе одлука за помош на млади и младински организации, одобрени се измените на ЗЛС со што значително ќе се подобри функционирањето на општините.

MK Summit

Владата денеска ја одржа 77-та седница на која се донесија неколку значајни одлуки во интерес на граѓаните.

На седницата беше разгледана информацијата за носење на Предлог-програма за финансиска поддршка на проекти од областа на младите на младинските организации, организациите за млади и младински чадор организации за 2025 година преку министерството за социјална политика, демографија и млади.

Преку Министерството ќе се дадат грантови за проекти од областа на младите, на младинските организации во износ не поголем од 300.000 денари.

„Проектите и апликациите треба да се насочени кон следните приоритетни цели и тоа:
зајакнување на влијанието на младите во сите процеси на донесување одлуки на локално и национално ниво врз основа на соодветна правна рамка; препознавање на младинската работа како клучна алатка за помагање на позитивниот личен и социјален развој на младите; оспособување на младите со знаења и вештини за медиумска и дигитална писменост кои препознаваат дезинформации и ги артикулираат сопствените интереси и ставови како активни граѓани во општеството со развиена критичка свест; зголемување на свеста и имплементација на мерки за намалување на врсничко насилство, родово базирано насилство, сајбер безбедност и дигитална хигиена во рамките на образовните институции и креирање на иновативни решенија за намалување на невработеноста на младите и промоција на мерки за самовработување и претприемништво. Се со цел да се запази транспарентноста, ќе се објави јавен повик при што претставници од министерството и Генералниот секретаријат ќе ги разгледуваат апликациите и проектите, додека пак распределба на средствата ќе се врши согласно правилник за распределба“, вели портпаролката Венера Љатифи-Азизи.

Исто така, Владата го одобри предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за локална самоуправа. По одобрувањето од страна на Собранието, овие измени ќе донесат значителни подобрувања во функционирањето на општините, зголемување на транспарентноста, граѓанското учество и административната ефикасност.