Skip to main content
Македонија

ВЕЧЕРВА ПРЕТРЕСИ НА ПОВЕЌЕ ЛОКАЦИИ НИЗ МАКЕДОНИЈА: Голема меѓународна акција против организиран криминал

14/08/2026  23:16

Голема меѓународна полициска акција против организирана криминална група е во тек, а во операцијата се вклучени надлежните институции од Македонија, Косово и Грција.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, акцијата ја спроведува Одделот за криминалистичка полиција во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и со службите за борба против недозволена трговија со дрога од Косово и Грција.

По повеќемесечна координирана истрага, денеска во Солун се уапсени две лица – еден македонски и еден косовски државјанин.

При контрола на товарно моторно возило, полицијата во приколката открила голема количина наркотична дрога. Запленети се вкупно 324 килограми марихуана, која била сокриена во осум палети со хартија.

Истовремено, полициската операција продолжува и на територијата на Македонија. Одделот за криминалистичка полиција, заедно со повеќе сектори за внатрешни работи, врши претреси на повеќе локации низ државата.

Целта е да се откријат евентуално други лица вклучени во криминалната група, како и да се обезбедат дополнителни докази и предмети поврзани со кривичното дело.

Од МВР засега не соопштуваат повеќе детали, а акцијата сè уште е во тек.