
САД продолжуваат да го зајакнуваат сопствениот синџир на снабдување со критични минерали. Американското Министерство за енергетика додели 500 милиони долари за седум проекти поврзани со ископ, преработка, производство на батерии и рециклирање.
Меѓу избраните компании е Nth Cycle, која доби американска поддршка за изградба на капацитет за преработка на „црна маса“ – метален отпад од батерии од кој повторно можат да се добијат критични минерали. Nth Cycle е поддржана од Трафигура, мултинационална компанија позната во Македонија по инвестицијата поврзана со проектот Иловица-Штука.
Инвестицијата доаѓа во момент кога Вашингтон презема конкретни чекори за ограничување на зависноста од странски извори на критични минерали. Претходно овој месец, администрацијата на Трамп го блокираше извозот на „црна маса“, со што дополнително се поттикнува нејзината домашна преработка.
Ројтерс наведува дека Nth Cycle во март потпишала 10-годишен договор со Трафигура вреден околу 1,1 милијарда долари за испорака на никел и литиум. Договорот се поврзува со глобалните напори за намалување на зависноста од Кина за критични метали.
Групацијата Трафигура, во чие портфолио во фокус се и критичните минерали, е мнозински акционер во „Еуромакс ресоруцес“, која е носител на проектот за рудник за бакар во Иловица. Инвестицијата е во застој и покрај фактот дека бакарот се смета за еден од најкритичните минерали, потребен во повеќе индустрии, а особено важен за одбраната и зелената транзиција.
Инаку, како што соопштија од американското Министерство за енергетика (DoE), избраните проекти ја унапредуваат агендата на претседателот Доналд Трамп за зајакнување на домашните синџири на снабдување со критични минерали во Америка, намалување на зависноста од странски извори, зајакнување на националната безбедност и унапредување на американската енергетска доминација. Во Македонија пак, се актуелизираше соработката со американското Министерство за енергетика откако преку Стратешкиот дијалог со САД, на компанија и беа доделени пет милиони евра за геолошки истражувања за антимон недалеку од Крива Паланка.
„Предолго време Америка зависеше од странски актери во снабдувањето со критичните материјали кои се неопходни за современиот живот, кои ја поткрепуваат нашата економија, енергетската безбедност и националната безбедност. Претседателот Трамп ја надминува таа зависност, преку обезбедување на наши синџири на снабдување со критични минерали, ослободување на американската индустрија и враќање на производството и преработката на критични материјали во Соединетите Држави“, изјави американскиот секретар за енергетика Крис Рајт.
„Министерството за енергетика презема решителни мерки за да ги обезбеди критичните синџири на снабдување неопходни за напојувањето на нашата нација. Овие проекти ја нагласуваат посветеноста на Министерството за енергетика за поттикнување на иновациите, намалување на зависноста од странски извори и промовирање на американската енергетска доминација“, изјави помошничката секретар за енергетика, Одри Робертсон.
Како што се додава во соопштението, критичните минерали и материјали се од суштинско значење за американската индустрија, за производството на енергија и за националната безбедност. Проширувањето на домашниот капацитет ќе помогне ресурсите што ѝ се потребни на Америка да се преработуваат, произведуваат и рециклираат во Соединетите Американски Држави.


