Skip to main content
Спорт

Успешно реализирано Светското училишно првенство во ракомет – Македонија ја оправда довербата на светската спортска сцена

30/04/2026  16:09

Светското училишно првенство во ракомет кое беше во организација на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, а под покровителство на Министерството за спорт, официјално е затворено. Скопје и Македонија за првпат беа домаќини на историски настан на кој учествуваа 21 делегација од различни делови во светот. Нашиот главен град беше центарот на младинскиот спорт, фер-плејот и позитивната енергија што ги обедини младите од сите страни на светот.

Среќни сме што во изминатите девет дена се одиграа врвни натпревари кои ќе останат запишани во историјата на македонскиот училишен спорт. Натпреварите беа исполнети со неизвесност, квалитет и вистински спортски дух. Организацијата помина на високо ниво, а позитивните реакции од учесниците се уште една потврда дека нашата земја има капацитет да биде домаќин на големи спортски настани и достојно да ја претстави својата спортска и културна вредност.

Најголема гордост секако се резултатите кои ги постигнаа македонските репрезентации. Машката кадетска селекција го освои златниот медал, додека женската кадетска репрезентација го освои сребрениот медал. Нивната борба, посветеност и силен тимски дух треба да бидат мотивација за сите чинители во спортот да продолжат да вложуваат во младите спортисти, бидејќи тие се нашата иднина, а училишниот спорт секогаш ќе биде главниот мост кој поврзува, гради карактери и создава шампиони.

Покрај спортските достигнувања, Светското училишно првенство беше можност за создавање нови пријателства, размена на искуства и зближување на различни култури меѓу младите ученици од целиот свет. Овие денови покажаа дека спортот е универзален јазик кој ги руши сите бариери и обединува.

Зад овој успех стои заедничка работа и силна поддршка од институциите и луѓето кои секогаш се на страната на спортот, луѓето кои ги препознаваат вистинските вредности и вложуваат во иднината.

Како Федерација на училишен спорт на Македонија сакаме да ѝ се заблагодариме на Претседателката на Македонија, Проф. Д-р Гордана Сиљановска Давкова, која им даде поддршка на младите спортисти од првиот ден и беше силен мотив за сите учесници. Благодарност упатуваме и до Министерството за спорт за поддршката и довербата, како и до градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, за придонесот во успешната организација на овој значаен настан.

Среќни сме што покрај себе имавме и општествено одговорни компании кои беа дел од оваа успешна спортска приказна и дадоа значаен придонес во нејзината реализација. Особена благодарност заслужуваат и бројните волонтери, кои со својата енергија, посветеност и ентузијазам овозможија беспрекорно одвивање на првенството и создадоа позитивна атмосфера за сите учесници.

Светското училишно првенство се одигра во седум спортски сали: СЦ „Јане Сандански“, СРЦ „Македонско сонце“, СРЦ „Архиепископ Доситеј“, СРЦ „Кочо Рацин“, СРЦ „Крсте Мисирков“, СРЦ „Антон Димитров“ и СРЦ „Македонски Херои“, кои беа сцена на врвен ракомет и спортски дух.

Овој шампионат ќе остане запаметен како историски момент за Македонија и силна потврда дека посветеноста и заедништво создаваат резултати. Македонија покажа дека има организациска моќ и страст за спортот. Ова е само почеток на нови, уште поголеми успеси во иднина.

ПРВЕНСТВОТО ВО БРОЈКИ

21 делегација

62 одиграни натпревари во машка конкуренција

45 одиграни натпревари во женска конкуренција

16 ученици во женска конкуренција

21 учесници во машка конкуренција

ПОРЕДОК ВО МАШКА КОНКУРЕНЦИЈА

Златен медал – Македонија

Сребрен медал – Израел

Бронзен медал – Хрватска

ПОРЕДОК ВО ЖЕНСКА КОНКУРЕНЦИЈА

Златен медал – Хрвтаска

Сребрен медал – Македонија

Бронзен медал – Турција

Претседателката на Федерација на училишен спорт на Македонија, Елена Мицковска упатува благодарност до сите медиуми за поддршката. Вие сте гласот на спортистите, мотивот и главната поддршка. Заедно создадовме денови за паметење.