Skip to main content
Македонија

Уапсени двајца скопјани за пожарот кај „Рампа“ 

06/07/2026  13:09

Двајца жители на Скопје се приведени под сомнение дека го предизвикале големиот пожар што вчера попладне избувна во напуштен објект на булеварот „Македонија“, во близина на „Рампа“, во центарот на главниот град.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, станува збор за С.А. (34) и И.Х. (39), кои се осомничени за кривичното дело „предизвикување општа опасност“.

Пожарот предизвика сериозна интервенција на скопската Противпожарна бригада. При гаснењето на огнената стихија, еден пожарникар се здобил со телесни повреди, додека биле оштетени и две противпожарни возила.

Полициските службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода двајцата осомничени кратко по настанот, а во тек е целосно документирање на случајот. По завршување на постапката, против нив ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство.

„На 05.07.2026 во 17:30 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода С.А.(34) и И.Х.(39), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“, односно затоа што на 05.07.2026 околу 16:00 часот предизвикале пожар во напуштен објект на булеварот „Македонија“, при што еден пожарникар се здобил со повреди, а две противпожарни возила биле оштетени. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следува соодветен поднесок“, соопштија од МВР.