Skip to main content
Македонија

„Турција без терор“ – историски чекор кон крајот на еден повеќедецениски воен конфликт

02/10/2026  11:52

Пишува: Салим Кадри Керими, историчар – дипломат во пензија

Од вооружена конфронтација до разоружување, распуштање и можност за општествена интеграција

Република Турција е една од земјите што најдолго и најдиректно се соочуваат со тероризмот во различни форми. Сепак, четиридеценискиот вооружен конфликт со припадниците на терористичката организација ПКК беше најтрагичниот од нив. Во него животот го загубија повеќе од 40 илјади лица, меѓу кои и голем број цивили. Паралелно со воените операции, во изминатите повеќе од четири децении повремено беа правени обиди за изнаоѓање мирно решение, но без конечен успех. Со доаѓањето на власт во 2002 година на Партијата за правда и развој, предводена од Реџеп Таип Ердоан, напорите за решавање на проблемот дополнително се интензивираа, но и тие не доведоа до траен исход.

Свесни за тежината и значењето на прашањето, лидерите на коалициските партнери на актуелната власт, претседателот Ердоан и лидерот на Националистичкото движење Девлет Бахчели, во октомври 2024 година го отворија новиот процес, наречен „Турција без терор“ („Terörsüz Türkiye“). Во текот на 2026 година процесот влезе во значително поконкретна фаза и постепено се претвори во институционализиран процес со јасно поставени услови: престанок на активностите на ПКК/ КЏК, предавање на оружјето, потврда од безбедносните институции, а потоа примена на законски механизми за решавање на правниот статус на лицата опфатени со процесот. Клучен чекор беше усвојувањето на Законот за зајакнување на националната солидарност и општествена интеграција од страна на турскиот парламент, на 10 август 2026 година. Законот беше објавен во Службен весник на 18 август и со тоа стапи во сила. Со него процесот доби нешто што во претходните обиди често недостасуваше – јасна законска рамка.

Во почетната фаза „Турција без терор“ првенствено се однесуваше на внатрешното турско прашање и иднината на ПКК. Меѓутоа, развојот на настаните во текот на 2026 година покажа дека конечниот исход не може да се одвои од состојбите во соседните држави, пред сè во Сирија и Ирак. Така, регионалната димензија постепено стана една од најважните карактеристики на процесот. Во Сирија, во текот на август 2026 година, беше завршен процесот на распуштање и интеграција на припадниците на ЈПГ/СДГ во редовите на сириската армија. За Турција овој развој има особено значење, бидејќи Анкара со години ги разгледува структурите на ПКК и поврзаните формации во Сирија како дел од пошироката безбедносна закана. Интеграцијата во државните структури го намалува просторот за постоење одделни вооружени формации надвор од централната власт и со тоа ја менува безбедносната средина во која се одвива турскиот процес.

Актуелната политичка фаза започна во октомври 2024 година, кога Девлет Бахчели го отвори прашањето за можноста за конечно решавање на проблемот, а потоа упати повик до поранешниот водач на ПКК, Абдула Оџалан, да придонесе кон распуштањето на организацијата. На 27 февруари 2025 година Оџалан од затворот на Островот Имрали упати повик до ПКК да го прекине вооружениот конфликт и да се распушти. Во мај истата година ПКК објави одлука за прекин на вооружената борба и распуштање на организацијата. Со тоа процесот постепено се префрли од политички пораки и декларации кон конкретни институционални механизми.

Особено значаен момент беше парламентарното разгледување и усогласување на текстот на предлог-законот. По повеќемесечни расправи, на 10 август 2026 година тој беше усвоен со огромно мнозинство. Претседателот Ердоан усвојувањето го оцени како „историски чекор“, истакнувајќи дека Турција се движи кон трајно решавање на проблемот што ја оптоварува повеќе од четири децении.

Сепак, законската рамка не претставува безусловна амнестија. Напротив, нејзината примена е условена од исполнувањето на основните безбедносни предуслови. Безбедносните институции треба да утврдат дека ПКК/ КЏК и со нив поврзаните структури, во земјата и странство, престанале со дејствување и дека оружјето и муницијата под нивна контрола се предадени. Дури потоа може да се применат предвидените механизми поврзани со истрагите, судските постапки и извршувањето на одредени казни. Оттука, би било погрешно процесот едноставно да се нарече општа амнестија за припадниците на ПКК. По прецизно би било да се опише како условен процес на правна и општествена реинтеграција по претходно разоружување и распуштање на организацијата.

Токму тука се отвора и најзначајната политичка димензија. ПКК претставува вооружен аспект на многу поширокото историско и политичко прашање на односите меѓу турското мнозинство и курдското население. Затоа, евентуалното исчезнување на ПКК не значи автоматски и исчезнување на сите политички, културни и општествени прашања поврзани со Курдите во Турција. Долгорочниот успех на процесот ќе зависи и од способноста на турското општество да изгради траен модел на политичка и општествена интеграција во кој насилството нема да биде средство за решавање на политичките несогласувања.

Регионалната димензија на ова прашање особено дојде до израз и во Ирак. На 12 септември 2026 година ирачкиот премиер Али ал-Заиди објави дека Синџарските единици на отпорот ќе започнат да го предаваат оружјето на државата, а оние припадници што ги исполнуваат условите ќе можат да бидат интегрирани во ирачките безбедносни институции. Истовремено беше најавено целосно воспоставување целосна контрола на федералната власт во Синџар.

На 23 септември 2026 година, на маргините на 81-то заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, претседателот Ердоан се сретна со ирачкиот премиер Али ал-Заиди. Двете страни се договорија да ја продлабочат безбедносната соработка, да се воспостави целосна државна власт во Синџар и да се стави крај на присуството на нелегални странски вооружени елементи. Во рамките на договорениот механизам и временскиот распоред, зависно од напредокот на ирачките безбедносни мерки, турските сили постепено ќе го предадат комплексот Башика–Зилкан на федералната влада на Ирак.

Овој договор има пошироко значење од прашањето на една турска воена база. Башика–Зилкан со години беше една од точките на несогласување меѓу Анкара и Багдад. Неговото постепено предавање може да се согледа како дел од поширок процес во кој безбедносните прашања се поврзуваат со зајакнувањето на државниот суверенитет на Ирак. Истовремено, Турција и Ирак се договорија да ја прошират трговијата и инвестициите и да ги забрзаат заедничките стратешки проекти, особено Проектот за развојниот пат. Со тоа безбедносната агенда се поврзува и со економската и инфраструктурната соработка.

Токму случувањата во Сирија и Ирак покажуваат зошто во Анкара процесот сè почесто се разгледува не само како „Турција без терор“, туку и како „Регион без терор“. Регионалната димензија повеќе не е само политичка формула, туку постепено се претвора во конкретна безбедносна и дипломатска агенда. Сепак, би било прерано овие случувања да се толкуваат како конечна и неповратна завршница. И во Сирија и во Ирак станува збор за процеси чие спроведување допрва треба да се потврдува на терен.

Дали Турција навистина се наоѓа пред историскиот крај на конфликтот со ПКК сè уште не може да се одговори дефинитивно. Но, едно е очигледно: процесот никогаш досега не бил толку институционално и регионално развиен. Најважниот предизвик сега е политичките декларации и преземените обврски да се претворат во траен мир и стабилност.

Доколку процесот продолжи во оваа насока и преземените обврски бидат доследно реализирани, „Турција без терор“ би можел да остане запишан како една од позначајните пресвртници во современата турска историја – премин од повеќедецениски вооружен конфликт кон нова ера на политичка нормализација и општествена интеграција. Истовремено, тој сè повеќе се претвора во дел од пошироката регионална динамика на разоружување, интеграција и повторно воспоставување на државниот авторитет во делови од Блискиот Исток.

Евентуалниот успешен исход на процесот, заедно со новите договори и безбедносни аранжмани во регионот, би можел да придонесе за поголема безбедност и да отвори нови можности за политичка, економска и регионална соработка меѓу Турција, Ирак и Сирија, со пошироки импликации за мирот и стабилноста на Блискиот Исток и пошироко.