Skip to main content
Македонија

Три дискотеки се затвораат – имале лиценца, но немале услови

19/03/2025  14:58

Три од 12 контролирани објекти со активна лиценца не ги исполнуваат минимум техничките услови за работа и ќе добијат забрана за вршење дејност. Сѐ уште е во тек проверката на документацијата од другите девет дискотеки.

Моменталната состојба ја презентираше владината портпаролка, Марија Митева, на заедничката прес-конференција со директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски и со директорот на ГОБ „8 Септември“, д-р Синиша Стојановски.

„Последните инспекции потврдија сериозни регулаторни прекршувања. Доказите се јасни: од вчера направената контрола на 12 објекти со активна, важечка лиценца, до овој момент е утврдено дека три од нив не исполнуваат услови, односно минимум технички услови, а сепак имаат активна лиценца за вршење на дејност. За останатите девет ве информирам дека сѐ уште е во тек проверката на документацијата и во текот на денот ќе излеземе со дополнителни информации. Во однос на ваквата состојба, веднаш до Министерството за економија ќе биде испратено барање за одземање на лиценцата, забрана за вршење на дејност и сите казнени одредби коишто се возможни согласно закон ќе бидат преземени“, соопшти Митева.

Деновиве на терен се повеќе од десет тимови на Државниот пазарен инспекторат кои вршат контрола. Според Митева, ќе се проверат сите, до детал. А, направен е и план за проверка на дискотеките и клубовите кои немаат важечка лиценца, а работеле во минатото.