
Екс шефицата на ОЈО ГОКК, Вилма Рускоска вечерва во емисијата Ноќно студио на 4ТВ се осврна и на честата појава каде носителите на правосудни функции и политичарите се појавуваат заедно во јавноста.
Според неа, „заедничкото сликање“ на настани е само козметика која не го решава суштинскиот проблем со независноста.
Таа повторно го потенцираше својот став дека моделот на избор на државен обвинител е кочница за вистинска правда уште од осамостојувањето на државата.
„Од независна Македонија наваму, изборот на сите државни обвинители е проблематичен. Тоа што Собранието ги избира на предлог на Владата, според мене, не е во ред“, вели таа.
Рускоска смета дека овој модел е штетен без разлика за која личност станува збор, бидејќи самото именување од страна на извршната власт фрла сомнеж врз секоја идна постапка на обвинителот.


