
Поранешната обвинителка Вилма Рускоска, во гостувањето во Ноќно студио на 4ТВ, го коментираше назначувањето на новиот државен јавен обвинител, Ненад Савески.
Таа откри дека веќе остварила контакт со него за да му честита на функцијата, притоа нагласувајќи ја тежината на новата позиција што тој ја извршува.
Рускоска не крие дека со Савески се познаваат одамна и дека за него има високо професионално мислење. Таа го опиша како човек со интегритет кој не носи одлуки водени од лични мотиви.
„Добро се познаваме со сегашниот државен обвинител и за него навистина имам добро мислење. Не сметам дека е човек кој би направил нешто од лична нетрпеливост“, истакна Рускоска, додавајќи дека веќе му испратила порака со честитки за која тој ѝ се заблагодарил.
Иако има доверба во неговите капацитети, Рускоска потсети дека во обвинителскиот систем владее строга хиерархија и субординација. Тоа значи дека секој потег на неговите подредени, секое овластување или одземање на предмет, на крајот паѓа на негов грб.
Според поранешната шефица на ОЈО ГОКК, Савески ќе мора да балансира меѓу одржувањето на редот во институцијата и справувањето со притисокот на јавноста. Рускоска заклучи дека неговиот успех ќе зависи од тоа колку ќе успее да го заштити обвинителството од грешки, бидејќи во овој систем, државниот обвинител е последниот филтер за одговорност.
