
Во Гостивар се одржа јавна панел-дискусија на тема „Органодарителството во Македонија“, настан посветен на подигнување на јавната свест, јакнење на довербата и промоција на трансплантацијата како една од најхуманите и најзначајни медицински практики.
На панелот беа отворени повеќе клучни прашања поврзани со унапредувањето на системот за органодарителство, улогата на институциите, медицинските тимови, верските заедници и граѓанскиот сектор во процесот на градење култура на дарување органи, како и потребата од континуирана едукација и информирање на граѓаните.
Учесниците истакнаа дека органодарителството претставува чин на солидарност и надеж, кој може да спаси повеќе човечки животи, но и дека за негов развој е неопходна поголема информираност, транспарентност и доверба во здравствениот систем.
Посебен акцент беше ставен на предложените законски измени кои веќе се наоѓаат во собраниска процедура. Со нив се предвидува создавање на појасна, пофункционална и поефикасна рамка за органодарителство и трансплантација, преку подобрување на процедурите, поедноставување на административните процеси и унапредување на системот за евиденција и изразување на волјата на граѓаните.
Од панел-дискусијата беше испратена порака дека за развојот на органодарителството е потребен заеднички пристап на институциите, медицинската фела и општеството во целина, со цел да се спасат повеќе животи и да се создаде систем заснован на доверба, хуманост и солидарност.


