
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денес реализираше значајна работна посета на Граничниот премин „Табановце“, каде лично се увери во функционалноста на новоимплементираниот „One Stop“ систем за заеднички гранични проверки.
Овој модел овозможува интегрирање на прегледите на двете страни на границата, што значително го забрзува протокот на луѓе, патници и стоки, со елиминирање на дупли проверки и минимизирање на чекањето.
„Во месец август 2024 сме имале 1.247.747 патници на овој граничен премин, а оваа 2025 година дури 1.602.939. Времето на чекање во 2024 било од 3 до 4 часа во шпицот, а оваа година со имплементиран „One Stop“ систем било 30 минути до 1 час, што значи имаме зголемување од 29% на бројот на патници а неколкукратно намалено време на чекање.“, истакна министерот Тошковски.
По посетата на границата, министерот Тошковски ја посети и СВР Куманово, каде заедно со раководството разговараше за безбедносната состојба во регионот.
„Состојбата е стабилна и мирна а бројките кажуваат зголемена откривачка дејност во областа на економскиот криминал и значително намалување на сообраќајните незгоди со жртви. Со ставање во функција на системот „Safe City“, Куманово е во првите три града каде што очекуваме значително зголемување како на сообраќајната безбедност така и во областа на јавниот ред и мир. Потврдивме и дека полицијата е целосно подготвена да ги гарантира демократските и фер избори на претстојните изборни процеси.“, потенцираше министерот Тошковски.