
Полициските службеници до крајот на годинава ќе добијат нови униформи по примерот на австриската полиција, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во „Само интервју“ на Канал 5. Тој најави и зголемување на платите, нов колективен договор и набавка на полициски возила, од кои дел ќе бидат опремени со паметни камери и радари за автоматско регистрирање сообраќајни прекршоци.
Тошковски рече дека новата униформа треба да биде достоинствена, претставителна и да ги задоволува професионалните стандарди. За недостатоците во опремувањето на полициските службеници ја обвини претходната влада предводена од СДСМ.
„За професионалците и за оние коишто се столбот на безбедносниот систем во Македонија, во иднина ќе има и зголемување на плати, и нови униформи, и повеќе возила, и подобри услови за работа, и подобри објекти, и нов колективен договор“, рече Тошковски.
Министерот најави дека системот „Безбеден град“ ќе се проширува низ државата во етапи, со целосно воведување до средината на 2027 година. Подвижните радари во полициските возила ќе се користат и на градските сообраќајници и на отворените патишта. За таа цел, како што рече, возилата ќе се опремуваат во фази, а полициските службеници ќе поминат обука.
До крајот на годинава е планирано да почне и регистрирањето непрописно паркирање на главните булевари и на автобуските траси. Секој таков прекршок ќе треба да го потврди полициски службеник, кој ќе провери дали возилото било непрописно паркирано или запрело поради сообраќаен метеж. Тошковски најави дека од следната недела граѓаните ќе можат да ги проверуваат регистрираните прекршоци и да ги плаќаат казните преку мобилна апликација.
Според најавените рокови, подрачјето на СВР Струмица треба да биде опфатено во првата половина на декември, а подрачјето на СВР Штип до крајот на годинава или најдоцна до крајот на јануари. На подрачјето на СВР Скопје проширувањето е предвидено до крајот на февруари, со фокус на критичните точки. До крајот на годинава се очекува да профункционира и пункт за проверка на возила на граничниот премин Блаце, по примерот на Табановце. Меѓу следните премини во план е Богородица.
Тошковски рече дека признанието за „Безбеден град“ во Дубаи се однесува на технологијата, законските измени, функционирањето на системот и намалувањето на бројот на сообраќајни несреќи со смртни последици. Според податоците што ги изнесе, во изминатите 35 години во земјава во сообраќајни несреќи просечно гинеле по 150 лица годишно, додека од почетокот на годинава до денот на интервјуто биле регистрирани 85 жртви.
„Камерите не се за да казнуваат. Целта на камерата е да спаси еден човечки живот повеќе од претходно“, порача министерот.
За работата на МВР, Тошковски оцени дека министерството треба подобро да го распоредува кадарот и да ги зајакне оперативните капацитети. Според него, новата систематизација и Законот за внатрешни работи биле одложени по политичка одлука, по реакциите од опозицијата. Тој најави и дека камерите што полицајците ги носат на униформите треба да се користат низ целата држава до средината на 2027 година, со цел да се зголеми транспарентноста при полициското постапување.
Зборувајќи за корупцијата кај поранешни и актуелни функционери, Тошковски рече дека МВР поднесува кривични пријави, а натамошниот исход зависи од постапувањето на обвинителството и судовите. Тој ги отфрли најавите за оставка по критиките од опозицијата и откри дека двапати размислувал за повлекување поради здравствени проблеми, по што решил да остане на функцијата.
