
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека 14 лица се повикани на разговор во врска со шокантниот случај на врсничко насилство што ја вознемири јавноста, а се случил во скопската населба Ѓорче Петров.
Станува збор за случај во кој три малолетни девојчиња брутално малтретирале и понижувале нивна соученичка, при што според објавените информации, жртвата била горена со цигари и присилувана да лиже под.
Тошковски истакна дека институциите сериозно постапуваат и дека меѓу повиканите на разговор се и родителите на трите ученички осомничени за насилството.
„Ова е сериозен проблем кој нè засега сите и кој ќе остане во фокусот на Министерството за внатрешни работи. Четиринаесет лица се повикани на разговор, а за дел од нив ќе следуваат соодветни процесни дејствија. Во предметот е вклучено и Јавното обвинителство и се постапува по насока на надлежен јавен обвинител“, изјави Тошковски.
Тој нагласи дека поради тоа што се работи за малолетници, јавноста ќе биде информирана внимателно и со ограничени детали, со цел заштита на децата и постапката.
Министерот потенцираше дека врсничкото насилство останува континуиран приоритет на полицијата, иако во јавноста во последниот период доминираат теми поврзани со семејно насилство.
Според него, ваквите случаи бараат координиран пристап од сите институции – образовни, социјални и безбедносни, а особено важна е улогата на родителите во воспитувањето и следењето на однесувањето на децата.
Тошковски најави и нови законски решенија за зајакнување на капацитетите на полицијата во борбата против насилството, како и развој на интелигентен систем за прибирање аудио и видео докази преку мобилни уреди, со согласност на жртвата, со што дополнително ќе се олесни доказната постапка.

