
Американскиот производител на електрични автомобили „Тесла“ планира да инвестира три милијарди евра (3,3 милијарди долари) во проширување на својата фабрика во близина на Берлин, што вклучува и нов производствен погон за идните такси без возач (Сybercabs), објави денеска компанијата, а пренесува ДПА.
Со текот на времето објектот треба да достигне производствен капацитет до еден милион „кибертакси“ – возила дизајнирани за превоз на патници без возач. „Тесла“ не прецизира за кој временски период се однесува оваа бројка за производство.
„Со ова, тука во Гринхајде, ги поставуваме темелите за технолошки најнапредната фабрика на ’Теслаʻ во светот“, соопшти компанијата предводена од Илон Маск осврнувајќи се на местото каде што се наоѓа фабриката.
Изградбата е планирана да започне во првата половина на 2027 година, а почетокот на производството е закажан за 2029 година. „Тесла“ соопшти дека вработуваат неколку стотици дополнителни работници за спроведување на ова проширување.
Компанијата планира да аплицира за дозвола за новиот објект пред крајот на оваа година.


