Skip to main content
Свет

Ле Пен: Погрешив што се спротивставував на двојното државјанство и истополовите бракови

16/11/2026  21:36

Кандидатката на крајнодесничарскиот Национален собир за претседател на Франција Марин Ле Пен изјави дека погрешила што претходно се спротивставувала на истополовите бракови и двојното државјанство.

„Човек може да еволуира во политиката, нема од што да се срами, само треба да објасни зошто се предомислил“, рече Ле Пен, водечката кандидатка за победа на претседателските избори во Франција следната година.

Таа во интервју за телевизискиот канал LCP изјави дека сè уште е против сурогат мајчинството.

„Им оставив впечаток на оние со двојно државјанство дека имам некаков сомнеж во нивната љубов или посветеност кон Франција. Се предомислив за таа позиција и мислам дека постапив правилно“, рече Ле Пен.

По убедливиот пораз од актуелниот француски претседател Емануел Макрон, на претседателските избори во 2017 година, Ле Пен се откажа од своите повици Франција да ја напушти ЕУ, иако нејзините критичари велат дека нејзините планови за Брисел ќе предизвикаат хаос во унијата или ќе доведат до излез на Франција, објави Политико.

Во предизборната кампања за парламентарните избори во 2024 година, Националниот собир предизвика контроверзии предлагајќи да им се забрани на лицата со двојно државјанство да држат одредени позиции во владата.

Откако првично се спротивстави на истополовите бракови, кога беа легализирани во Франција во 2013 година, Ле Пен изјави за време на нејзината претседателска кампања во 2022 година дека нема да го допира овој историски закон.