
Пратеникот на СДСМ, Миле Талески, во Собранието на седницата за интерпелацијата за министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, обвини за хаос во земјоделството, оценувајќи дека во изминатите две години се случил целосен распад на системот, проследен со корупциски скандали, блокирани европски средства и намалена поддршка за земјоделците.
„Пред нас овде не е интерпелација само заради него, туку интерпелација во којашто се отсликуваат катастрофалните состојби во овие две години коишто ги направија Цветан Трипуновски и неговиот ментор Христијан Мицкоски. Цветан Трипуновски, заедно со неговата криминална свита во неговото министерство, направија пустош во земјоделието и затоа ние пред македонските граѓани имавме обврска да поднесеме интерпелација”, рече Талески.
Талески потсети на корупциските афери во институциите од земјоделскиот сектор.
„Кога во две најважни институции во земјоделството избиваат корупциски афери, тогаш тоа не е случајност, тоа е системски проблем. Еден директор е фатен како прима поткуп од 100.000 евра, кај него се пронајдени 50.000 евра во кеш. Друг директор е фатен како бара поткуп од 50.000 евра за доделување средства од ИПАРД. Поради корупција и хаос во системот денес е суспендиран ИПАРД 3. Блокирани се 128 милиони евра европски средства. Во неизвесност се инвестиции од околу 130 милиони евра. Стотици проекти се доведени во прашање”, потенцираше Талески.
Најголем удар од политиките на Владата трпат тутунопроизводителите, посочи пратеникот на СДСМ.
„Ги намаливте субвенциите за тутунот од 100 на 80 денари. Кога бевте во опозиција баравте 160 денари по килограм откупен тутун и ги лажевте тутунарите дека ќе ја зголемите субвенцијата за 100 проценти. И сега што направивте? Им ја намаливте. Ги излажавте над 14.000 семејства дека ќе им ги исплатите субвенциите до април, потоа до мај, а денес е месец јуни. Ништо од таа работа. Прашањето е едноставно: каде се парите за тутунарите и зошто сè уште ги лажете? Ветувавте повеќе пари за земјоделците, ветувавте 180 милиони евра годишни субвенции, но реалноста е поинаква. За само две години буџетот за субвенции го намаливте за 1 милијарда денари. Народски кажано, богатите ги правите уште побогати, а сиромашните уште посиромашни. Им земате на малите за да им дадете на големите”, рече Талески.
Талески побара лична одговорност од министерот Трипуновски, потенцирајќи дека после пустошот којшто го направил лично тој заедно со неговата криминална свита и после предизборните лаги што им биле продавани на земјоделците, време е да поднесе неотповиклива оставка.



