
Со одлична енергија, многубројна публика и богата музичка програма, синоќа успешно започна второто издание на Урбан Фест – единствениот радиски фестивал на отворено во Македонија.
На првата фестивалска вечер настапија учесниците од проектот Музичка Фабрика, Дорис Ди, Марија Спасовска, Јована Лалчевска, Калина, Бојана Арсовска, Лука Чомбе, Шаро, Фико, Муфи, Инсерта, Вански, Лара, Пајак, Теа, Таско и БДМ, кои придонесоа за одлична фестивалска атмосфера и уште еднаш ја потврдија енергијата на домашната музичка сцена.
Музичката приказна продолжува вечерва од 20:30 часот на локацијата „Вембли” во Градски парк, каде публиката ќе ужива во нова вечер со настапи на некои од најактуелните македонски изведувачи, Зарина Првасевда, Миа Перевска, Полина, Симона Поповска, Александар Тарабунов, Сара Мејс, Тони Зен, Два Бона, Ерик Фокс и Преку Ред.
Со своето второ издание, Урбан Фест уште еднаш ја потврдува мисијата за поддршка и промоција на македонската музика и создавање простор за различни генерации домашни изведувачи. По повод роденденот на Урбан ФМ радио и крајот на учебната година, фестивалот и оваа година ја слави домашната музика, младите таленти и современата македонска музичка сцена.
Влезот е бесплатен, а организаторите ги покануваат сите љубители на домашната музика да бидат дел од уште една фестивалска вечер исполнета со добра музика, позитивна енергија и дружење.



