
Со затворањето на листата на учесници, дефинирани се сите елементи за почеток на уште еден голем џудо настан во Скопје, Европскиот куп во џудо за сениори – Скопје 2026, што ќе се одржи на 19 и 20 септември.

Како што информираат од Џудо федерацијата на Македонија, потврдено е учеството на 439 џудисти од 42 држави од четири континенти.
Натпреварите ќе се одржуваат во салата „Јане Сандански“ двата дена од 9 до 19 часот, влезот е бесплатен.
Свеченото отворање е в сабота во 16 часот, за кога е потврдено доаѓањето на првиоте луѓе на европското џудо, како и на високи гости, претставници на земјите учеснички.
– Ние сме максимално подготвени да го продолжиме континуитетот на успешно организирани врвни џудо натпреварувања. Како резултат на досегашните високи оценки за нашата организација ја добивме привилегијата да го организираме и овој куп кој ќе биде најмасовен досега во рамките на ова натпреварување во било која европска земја. Да потсетам уште еднаш дека своето доаѓање го најавија најдобрите европски и светски џудисти, бидејќи резултатите ќе се бодуваат и за Олимписките игри, така што очекуваме едно врвно натпреварување, изјави претседателот на Џудо федерацијата на Македонија, Владимир Трпановски.
За потсетување, Европскиот куп го носи името бидејќи се одвива на територијата на Европа, а право на настап имаат џудисти од сите континенти.


