
Граѓаните од следната недела ќе може преку мобилна апликација да проверат дали имаат евидентиран сообраќаен прекршок, каде е сторен прекршокот и да извршат увид во доказите – најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Одговарајќи на новинарски прашања по Националната конференција за безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа, Тошковски рече дека апликацијата веќе е функционална за странските државјани, а од наредната недела ќе биде достапна и за македонските граѓани.
– Од наредната недела ќе кажеме точно кој ден ќе ја пуштиме апликацијата, која ќе им овозможи на македонските граѓани многу поедноставно да видат дали сториле прекршок, каде сториле прекршок и да ги видат доказите – истакна Тошковски.
Според него, новата дигитална алатка ќе овозможи полесна комуникација со институциите и поедноставно постапување во случај на изречени санкции.
Министерот информира и дека продолжува имплементацијата на проектот „Безбеден град“ во другите сектори за внатрешни работи во државата. Следен за воведување на системот е СВР Струмица, каде што, како што најави, проектот треба да биде ставен во функција во првата половина на декември.
По Струмица, системот треба да биде имплементиран и во СВР Штип, најдоцна до јануари, а потоа и во СВР Битола, со што се очекува целосно заокружување на процесот до крајот на февруари.
Тошковски оцени дека резултатите од проектот се веќе видливи на терен и посочи дека бројот на сообраќајни незгоди со смртни последици е намален за 35 проценти.

