Skip to main content
Македонија

Судот во Охрид го врати детето на мајката Невена, на ред е битолска апелација

04/05/2026  11:52

По четири години судски и институционални контроверзи, Основниот суд во Охрид донесе нова пресуда со која малолетното дете ѝ се доверува на мајката Невена Спасеска, пишува А1он.мк. Пресвртот дојде откако Врховниот суд ја укина претходната пресуда на охридскиот судија Ефтим Попески и на судијката Жаклина Доведен од битолска Апелација, а со која старателството на детето го дадоа на таткото.

Охридскиот суд во повторена постапка и со нова судијка, Илсен Салиоска Патилоска оцени дека во најдобар интерес на детето е да остане кај мајката, земајќи ги предвид емоционалната поврзаност, континуитетот на грижата и возраста на детето, аргументите и насоките од Врховниот суд. Таткото, според одлуката има право на редовни контакти и обврска за месечна издршка.

„Под сомнеж објективноста: Барање за изземање на судијката Доведен“

Таткото поднесе жалба на најновата одлука, со што предметот се враќа пред Апелациониот суд во Битола. Клучниот момент е што за предметот повторно ќе одлучува судијката Жаклина Доведен – актуелна престедателка на Апелациониот суд во Битола која претходно, во постапка меѓу истите странки, донесе одлука со која детето го довери на таткото. Поради низа пропусти од нејзина страна, одлуката падна на Врховен суд.
Правниот тим на мајката, официјално веќе побара изземање на судијката Доведен од одлучувањето. Во барањето се наведува дека таа претходно „постапувала несовесно и пристрасно“ во истиот предмет, што ја доведува во прашање нејзината објективност во повторената постапка.
Барањето не е само процесна тактика на правниот тим, туку се темели на веќе констатирани незаконски одлуки на Жаклина Доведен во претходното постапување.

Судскиот совет со одлука потврди дека Доведен постапила незаконски кога смени судијка во Судечкиот совет и постави кривичен судија ден пред пресудата, кој немаше ниту време да го прочита предметот пред да гласа. Со тоа голем е сомнежот дека ја фиксирала пресудата во корист на таткото. Дополнително, Судскиот совет во Скопје, се изјасни дека Жаклина Доведен иако морала да им дозволи увид во предметот на адвокатите на мајката Спасеска, таа го одбивала тоа. Токму оваа судијка е сега претседател на Апелациониот суд во Битола и треба повторно да одлучува за петгодишното дете. Пред неа се два одлуки-или сама ќе се изземе или за барањето за изземање ќе одлучува Врховниот суд.

„Од приватен спор до јавен тест за правдата“

Во текот на постапката, овој случај беше дополнително усложнет и поради спротивставените ставови на институциите. Центрите за социјална работа во Охрид и Скопје даваа различни мислења за тоа кај кој родител треба да биде детето, од Охрид инсистираа детето да се даде на таткото, а од Центарот во Скопје, дека детето треба да се додели на мајката.

Но, по најновото барање од охридскиот суд, надлежното министерство за социјална работа потврди дека Центарот во Охрид не е надлежен за овој случај. Според министерството, единствено надлежен е центарот во Скопје, кој даде мислење во корист на мајката додека други мислења од Центарот во Охрид се оценуваат како правно невалидни.

Жаклина Доведен која еднаш веќе одлучи дека детето треба да се довери на таткото, одлуката токму ја правдаше со „аргументи“ од Центарот во Охрид, кој сега е прогласен за ненадлежен. Одлуката се темелеше и на изјави од блиски соседи и роднини на таткото, како и нелиценцирани вештаци за овој случај. Сета оваа збирка на „вештачки и фиксирани докази“ Доведен се обиде да ја „замачка“ со објаснување дека во денешно време е модерно дететото да се земе од мајката.

„Современите социолошки и психолошки теории за родителството од друга страна покажуваат дека улогите во семејството се значително изменети во изминативе децении така што традиционалната поделба на мајката како главен негувател, а таткото како издржувач повеќе не е единствениот модел на семејството. Тоа значи дека стеоротипите за „природната“ улога на мајката се општествено надминати“, напиша таа.

Целиот текст на следниот линк