
Студентите во блокада во Србија ги повикаа граѓаните на Србија на денешниот голем протестен митинг во Белград под мотото – „Ти и јас, Славија“, како дел од кампањата „Студентите победуваат“, од каде ќе побараат одржување вонредни парламентарни избори и демократизација на земјата.
Студентите најавија дека собирањето ќе започне во 13:00 часот на четири локации во Белград, а протестот на Славија е планиран од 18:00 до 20:00 часот.
По кампањата на студентското движење „Студентите победуваат“ веќе неколку недели следува контракампања на поддржувачите на владејачката Српска напредна странка под слоганот „Србија победува“, што често предизвикува тензии и повремени инциденти на улиците.
Студентското движење произлезе од антивладините протести, поттикнати од смртта на 16, претежно млади луѓе, при падот на бетонска настрешница на новореновираната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, како и повеќемесечната блокада на 60 факултети на сите четири државни универзитети – во Белград, Нови Сад, Ниш и Крагуевац.
Со протестите се бараше одговорност на властите, одговорна работа на државните институции и судството, како и распишување вонредни парламентарни избори (првпат објавено во мај 2025 година) што треба да придонесат за демократизација на земјата. Но, и покрај бројните апсења и обемните истраги, судскиот процес во врска со трагедијата во Нови Сад не напредуваше значително.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во четвртокот објави досега најпрецизна изјава дека изборите ќе се одржат во периодот од крајот на септември до средината на ноември повторно повикувајќи ги „блокадерите“ на дијалог.
Протестот што студентите во блокада го организираат денеска на Славија би можел да има поинаков карактер од претходните големи собири, бидејќи може да се очекува да има појасен фокус, подефинирани пораки и навестување за насоките во кои би можело да се движи студентското движење во наредните месеци, наведуваат аналитичари во Србија.
Студентите досега строго ја исклучија можноста за формирање заедничка листа со опозицијата на евентуални избори.


