
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се пласираше во првото финале оваа сезона. Тој во полуфиналето на турнирот Мастерсот во Мајами го победи Григор Димитров со 6:2, 6:3 во „најстариот“ полуфинален меч во историјата на турнирот од серијата 1.000. Двајцата заедно имаат 71 година и 262 дена.
Ѓоковиќ победата ја забележа пред Лионел Меси, кој настапува за Интер Мајами и дојде да го гледа полуфиналето на Мастерсот.
„Голема чест и задоволство, многу ми значи што Лео дојде. Мислам дека првпат играм пред него во живо. Му благодарам што е тука со семејството. Му се восхитувам, како и повеќето луѓе во светот, бидејќи има неверојатна кариера. Ние сме на иста возраст, 1987 година, и убаво е што е тука“, изјави по мечот Ѓоковиќ.
Ѓоковиќ и Меси потоа се запознаа, а ги поврза поранешниот аргентински тенисер и пријател на Меси, Хуан Мартин дел Потро. Меси и Ѓоковиќ си разменија подароци и се фотографираа заедно. Ѓоковиќ му подари на Меси маица со натпис: „На семејството Меси, со љубов“.
