
Изборен предмет Сеопфатно сексуално образование во средно образование ќе нема. МОН одлучи да ја повлече наставната програма за да се направи ревизија. Ова денеска го соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска по реакциите за воведувањето на овој предмет по избор за средношколците од прва до четврта година.
– Ние ги повлековме во овој момент програмата и предметот и ќе направиме длабока ревизија по барање на јавноста, да видиме дали навистина во програмата има нешто за што би можело да има забелешки. Инаку, во програмата има теми: семејство, има заштита од сексуално преносливи болести, има заштита од несакана бременост, има рамноправност на половите, има тема за недискриминација меѓу половите. Но, повторувам, веќе го замолив Бирото за развој на образованието, оти јас не сум стручна, но и лично ќе се ангажирам, збор по збор да ја поминеме програмата, да видиме што е тоа што е проблем во неа – изјави Јаневска.
Како што рече, постојат научни докази дека сексуалното образование во средното образование е корисно во периодот кога децата на таа возраст се соочуваат со темите обработени во овој предмет. Посочи дека предметот бил изборен и можело да го слушаат само средношколците што сакаат, од прва до четврта година.
– Меѓутоа, должност на министерот за образование и наука е да ги слушне сите што имаат какви било коментари за образовниот систем – додаде Јаневска.


