Skip to main content
Македонија

Со молитва, благодарност и почит – Кочани ќе ја одбележува годишнината од „Пулс“

26/02/2026  15:41

Општина Кочани подготвува низа активности по повод првата годишнина од страотниот настан во клубот „Пулс“, кој се случи на 16 март 2025 година. Локалната самоуправа, во соработка со институциите и граѓанскиот сектор, најави достоинствена тридневна програма посветена на сеќавање на жртвите, поддршка на повредените и изразување благодарност до сите кои помогнаа во најтешките моменти по трагедијата.

Градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов, на прес-конференција информираше дека програмата е внимателно подготвена од широк организациски одбор во кој, покрај Општината, учествуваат и претставници на здружението „16 март 2025 Кочани“, Црвениот крст, Македонската православна црква, Болницата и Центарот за култура „Бели мугри“. Според него, целта е одбележувањето да помине во дух на заедништво, достоинство и почит кон жртвите, но и како порака за солидарност и надеж.

Комеморативните активности ќе се реализираат во периодот од 14 до 16 март, при што секој ден ќе носи посебна симболика. На 14 март ќе се одржат православни духовни содржини и молитвено сеќавање за упокоените во несреќата, со цел постигнување духовно единство и заедничко оддавање почит. Следниот ден, под мотото „Кочани Ви благодари“, ќе биде посветен на преживеаните и на изразување благодарност до здравствените установи, институциите и поединците кои помогнаа во лекувањето и закрепнувањето на повредените млади луѓе. Општината ќе додели статуетки на благодарност на делегации и здруженија, по што ќе следи пригодна културно-уметничка програма како симбол на надеж и заедништво.

Централното одбележување ќе се одржи на 16 март, денот на трагедијата, кога е предвидено мирно, достоинствено и сплотено оддавање почит на младите кои трагично ги загубија животите во дискотеката „Пулс“.

Иако Општината веќе испратила официјални покани до здравствените установи, градоначалникот Грозданов упати и посебен јавен апел до преживеаните млади луѓе лично да ги поканат лекарите и медицинските лица кои се грижеле за нив за време на лекувањето. Тој порача дека Општина Кочани ќе им обезбеди топол и срдечен прием, сместување и сите потребни почести како знак на благодарност за нивната посветеност и хуманост.

Грозданов истакна дека целта на одбележувањето не е само потсетување на болката и трагедијата, туку и отворање ново поглавје во кое Кочани ќе продолжи да се гради како општина на сплотеност, истрајност и мир, испраќајќи порака дека заедништвото и солидарноста се најсилниот одговор на трагичните настани.