Skip to main content
Македонија

Одложено рочиштето за убиствата на Вања и Панче – Видевски на болничко лекување

09/04/2026  11:35

Рочиштето во Апелациониот суд во Скопје, на кое требаше да се разгледуваат жалбите во предметот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, денеска не се одржа и е презакажано за 11 мај.

На седницата требаше да се разгледаат жалбите на осудените Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, кои со првостепената пресуда добија доживотен затвор за убиствата, како и казни затвор за грабнувањата. Преку жалбите, тие бараат укинување на пресудата и враќање на предметот на повторно судење во Кривичниот суд.

Жалба поднело и Обвинителството, но во делот што се однесува на ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски.

Според првостепената одлука, судот утврдил дека делата биле извршени со претходен план и со намера за изнуда на пари. Обвинетите добиле по 10 години затвор за грабнувањата, додека за убиствата им е изречена доживотна казна затвор.

Новото рочиште пред Апелациониот суд е закажано за 11 мај.