
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе кривична пријава против М.П., вработена како овластено службено лице – референт во Одделението за управни работи Куманово, поради сомнение за кривично дело „несовесно работење во службата“ согласно член 353-в став 1 од Кривичниот законик.
Според податоците, во периодот од 11 јануари до 19 декември 2024 година, М.П. без соодветна наплата или приложени уплатници, издавала платливи обрасци и регистарски таблици од магацинот на СВР Куманово. Таа примала барања и документи од странки за регистрација на возила, без да ја испочитува законски пропишаната процедура – не барала доказ за уплата ниту користела службениот ПОС-терминал за директно плаќање.
Со ваквото несовесно постапување, таа на МВР му предизвикала материјална штета во износ од 417.500 денари.
Против неа е поведена дисциплинска постапка, а како мерка е изречена суспензија од работното место до нејзиното завршување.