Skip to main content
Култура

„Скејтбордингот не е за девојчиња” со светска премиера на Tribeca Festival во Њујорк

01/06/2026  09:17

Од Шуто Оризари до Менхетен – само филм може да ве вивне толку брзо, толку далеку

Македонскиот игран филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума, својот пат го започнува громогласно од срцето на Менхетен – на Tribeca Festival кој ќе се одржи од 3 до 14 јуни.

Tribeca Festival  важи за еден од најзначајните филмски фестивали во САД, каде еден од основачите е  Роберт Де Ниро. Истиот настана како културен одговор на нападите од 11 септември. Препознатлив е по современиот независен филм, нови авторски гласови и силна врска со њујоршката филмска индустрија.

Филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума, е селектиран во категоријата International Narrative Competition, која е главна меѓународна натпреварувачка програма на фестивалот и го позиционира филмот пред њујоршката публика, меѓународната филмска јавност и индустрискиот круг на селектори. 

Зад приказната за Адела, главната хероина во филмот, стои слика што Дума ја забележала во Скопје: девојче со скејтборд, облечено во традиционални шалвари, момент во кој се судираат детската слобода и наследените правила.  Филмот не ја користи приказната за Адела како симбол, туку отвора жив, комплексен свет. Изграден одблизу, преку работа со заедницата во Шуто Оризари, реални локации и непрофесионални актери, „Скејтбордингот не е за девојчиња“ избегнува поглед од дистанца и готови стереотипи. Наместо да ги сведува девојчињата на жртви, филмот ги следи како силни, ранливи и комплексни личности кои, и во ограничувачки околности, бараат начин да одлучуваат за себе. 

Ова е втор игран филм на Дина Дума која со својот прв филм, “Сестри” имаше извонреден успех бидејќи беше избран од страна на најголемата платформа за филмови Нетфликс. „Скејтбордингот не е за девојчиња“ е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, продуцентка е Лабина Митевска, а копродуценти се Себастиен Делуа, Данијел Хочевар и Вања Сремац. Сценариото е на Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, директор на фотографија е Фредерик Ноаром, а во главните улоги се Ефќар Абаз, Симонида Селимовиќ, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула. 

Филмот е копродукција меѓу Северна Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, а поддржан е од Агенцијата за филм на Северна Македонија, „Еуримаж“, Creative Europe MEDIA и национални и регионални фондови од земјите копродуценти.