Skip to main content
Македонија

Сиљановска-Давкова: „Блесок 26″ е успешно положен тест за македонската подготвеност за брз и ефикасен воен одговор

27/04/2026  19:36

Денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја проследи вежбата „Блесок 26″, дел од програмата на НАТО, којашто се реализираше од 19 до 27 април на полигонот „Криволак”.

Според неа, уште еднаш се докажа дека највисоките оценки за Лесната пешадиска баталјонска група не се случајни, туку се засновани врз манифестираното знаење, дисциплина, искуство и одговорност на македонската Армија, што ја профилираат како рамноправен, квалификуван и кредибилен член на Алијансата.

За неа, „Блесок 26″ е успешно положен тест за македонската подготвеност за брз и ефикасен воен одговор на реалните предизвици со коишто е соочен светот, во амбиент на тектонски промени на меѓународниот поредок и растечки закани по мирот и безбедноста.

Присутните ја проследија реализацијата на тактичката вежба „Воведување на лесна пешадиска баталјонска група (ЛПБГ) во офанзивни операции”.

По завршувањето на вежбата, претседателката им честиташе на учесниците за успешната реализација на истата.

На настанот, свои обраќање имаа и: министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и началникот на Ј-9 на Командата на здружените сили на НАТО во Неапол, контраадмирал Торстен Маркс.

Меѓу присутните гости беше и командантот на НАТО корпусот за брзо распоредување од Грција, генерал-потполковник Григориос Боунтлиакис.