
Меѓународна полициска операција откри десетици сторители кои ги дрогирале и силувале своите партнерки, користејќи тајни интернет-групи за да ги координираат и поттикнуваат нападите. Акцијата, предводена од европските и британските истражни органи, досега доведе до идентификација на 156 сторители и жртви и апсење на 57 осомничени.
Според Европол и британската Национална агенција за криминал (НЦА), жртвите најчесто биле успивани со седативи пред да бидат сексуално злоупотребени. Во многу случаи тие воопшто не знаеле дека биле нападнати сè додека не биле контактирани од полицијата.
Истрагата, позната како „Проект Медуза“, започна по откритијата на Си-ен-ен за постоење на онлајн мрежи во кои мажи разменувале инструкции како да ги дрогираат и силуваат своите партнерки. Во затворените групи се споделувале совети за употреба на супстанции, начини за избегнување на откривање, како и фотографии и видеа од злоупотребите.
Во операцијата учествуваат истражни служби од Германија, Велика Британија, САД, Бразил, Канада, Франција, Унгарија, Холандија и Шпанија.
„Сексуалниот напад олеснет со дрога повеќе не е изолиран чин, туку сè почесто е организиран преку координирани мрежи и дигитални платформи“, изјави заменик-директорот на НЦА, Најџел Лири.
Европол предупредува дека сторителите ги дехуманизираат жртвите и дека во некои случаи злоупотребата траела со децении. Тие користеле енкриптирани апликации, форуми и затворени групи за да ги координираат кривичните дела и нелегалната трговија со дроги и лекови.
Во последните години во Европа се забележани повеќе случаи на ваков вид злосторства. Меѓу најпознатите е случајот со Французинот Доминик Пелико, кој во 2024 година беше осуден на 20 години затвор за организирање на дрогирањето и силувањето на својата сопруга.
Експертите предупредуваат дека сторителите постојано ги менуваат методите, што дополнително ја отежнува нивната идентификација и кривично гонење, а преживеаните бараат поголема одговорност од интернет-платформите кои дозволуваат ширење на вакви содржини.

