Skip to main content
Македонија

„Сериозен показател за негативниот тренд во демократското управување“, велат од ДУИ по повод падот на Македонија во Индексот за слобода на медиумите

02/05/2025  11:24

Соопштение на ДУИ

Падот на Македонија за шест места на најновиот Индекс за слобода на медиумите на „Репортери без граници“ претставува сериозен показател за негативниот тренд во демократското управување и односот кон критичкото мислење во земјава.

Деталната анализа укажува на сериозни слабости – од политичкиот контекст и правната рамка, до економските притисоци и безбедносната состојба на новинарите.

Загрижувачки е што во извештајот јасно се детектира постоење на одредени паралелни медиумски системи, директно поврзани со политички и економски центри на моќ, кои влијаат врз уредувачката политика и ја поткопуваат довербата на граѓаните.

Наместо да гарантира институционална независност, Владата избра да го продлабочи клиентелизмот преку нови механизми за влијание, вклучително и рекламирање на јавните институции во приватни медиуми, што повторно го отвора прашањето за транспарентност и фер третман на медиумската сфера.

ДУИ ја потсетува Владата дека односот кон медиумите е директен одраз на зрелоста на една демократија.

Наместо селективна поддршка и политички погодни уредувачки пристапи, неопходна е поддршка на професионалните стандарди, независноста на јавниот сервис, заштита на новинарите и институционална подготвеност да се одговори на критичкото известување со отчетност, а не со притисоци.

ДУИ останува доследна на ставот дека слободата на медиумите е основен столб на правната држава и ќе ги поддржи сите процеси што водат кон медиумска транспарентност, плурализам и професионализација, согласно европските стандарди кои ги стремиме.