Skip to main content
Балкан

„Се обидуваме да откриеме дали има некаква мутација“, кажа грчкиот министер за здравство по потврдата за првиот случај на метапневмовирус во Грција

08/01/2025  12:15

Во Солун е потврден првиот случај на човечкиот метапневмовирус (ХМПВ) кај 71-годишен маж, кој е хоспитализиран.

Според грчките медиуми човекот се заразил од неговата ќерка која била во Кина на одмор.

Министерот за здравство Адонис Георгиадис во интервју за грчките медиуми, по објавувањето на првиот случај на метапневмонија во Солун кажа дека повозрасниот маж е хоспитализиран во болница во Солун.

„Се обидуваме да откриеме дали има некаква мутација на вирусот, бидејќи има карактеристика лесно да мутира и сакаме да се види дали има некои поопасни карактеристики“.

„Го чекаме деталниот преглед кој го побаравме“, нагласи Адонис Георгиадис.

Тој категорично посочи дека „во овој момент нема посебна причина за загриженост за вирусот ниту за Грција, ниту за Европа“.

„Метапневмовирусот не е нешто ново, како што беше Ковид во 2019 година, кога започна од Кина. Станува збор за познат вирус кој напаѓа луѓе што со нарушено здравје или мали деца, кои сè уште немаат развиено имунитет“, објасни Георгиадис.