Skip to main content
Економија

СДСМ: Нови ценовни шокови за граѓаните, власта нема решение

06/05/2025  13:15

Прес-конференција на Лолита Рисотва од СДСМ:

Граѓаните се соочуваат со нови ценовни шокови по маркетите и продавниците. 

Цените повторно се покачени по истекот на мерката за замрзнати маржи. 

Храната и производите кои и со замрзнатите маржи не беа достапни за граѓаните – денес се уште поскапи. 

Маслото за јадење е покачено од 89 на 92 денари, млекото над 72 денари, покачени се цените на јајцата, месото, сирењето, соковите.  

Средствата за хигиена поскапеа дури и за 60 проценти!

Граѓаните имаат се помалку пари во своите џебови.

Ова е резултат на трајно погрешна економска политика на владата. 

Пропадна т.н. есенска кошничка. Пропадна новогодишната кошничка. Пропаднаа и замрзнатите маржи. Цените продолжуваат да растат. Стандардот тоне.

Животот во Македонија станува се поскап, граѓаните едвај врзуваат крај со крај, се мислат дали да платат сметки овој месец или да купат храна. Платите им се премали и не им стигнуваат ни до 15 ти во месецот. 

Синдикалната кошничка е покачена, за едно четиричлено семејство, потребни се најмалку 62.700 денари месечно. Ниту три минимални плати не го покриваат тој минимален износ.

Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, за функционерите од власта има богато мени од манго и папаја. 

Власта нема слух и одбива да ги покачи платите, одбива да ја покачи минималната плата. 

Не прифаќа ниту еден од предлозите на СДСМ за: укинување на ДДВ за основните производи, за минимална плата од 500 евра, за зголемување на платите во приватниот сектор.

Одбива буквално сè што доаѓа од СДСМ. Оваа инает политика е на директна штета по стандардот на народот.

Не може во најголемиот буџет нема пари за повисоки плати за работниците!

Не може власта да троши 6,5 милијарди евра а да не сака да се откаже од ДДВ за храна.

Бараме власта веднаш да се откаже од штетните економски политики и да ги прифати предлозите на СДСМ кои ќе значат вистинско намалување на цените и покачување на платите.

Само со укинување на ДДВ за храна ќе се намалат цените на 250 производи.

Тоа го бара народот и тоа го заслужува.  Граѓаните заслужуваат достоинствен живот, стандард и држава што стои зад нив кога им е најтешко!