Skip to main content
Економија

СДСМ: Минимална плата од 500 евра за спас на стандардот на работниците, 02.03.2025 

02/03/2025  11:54

Интегрален текст од прес-конференција, Каја Шукова, потпретседателка на СДСМ:

Почитувани граѓани, почитувани работници,

Економските индикатори и факти за животот во Македонија зборуваат јасно – животниот стандард на граѓаните е во постојан пад, додека Владата не презема никакви конкретни мерки за да ја подобри економската состојба. Не само што не презема ништо, туку и не прифаќа ништо понудено до СДСМ, а тоа се докажани мерки за намалување на трошоците за живот. 

Фактите покажуваат дека цените растат неколкукратно побрзо од платите и граѓаните од ден во ден можат да си дозволат сè помалку. Струјата е поскапена за 20 до 30%, парното за 5% и дополнително ќе расте, услугите се вивнати до небо. Цените на основните прехранбени производи се зголемени за 30 проценти.

Владата најавува некаков економски бум кој не постои. Едноставно економските показатели се брутално точни и нема да се случи никаков раст на економијата, за жал.  Индустриското производство паѓа четири месеци по ред, додека извозот е намален за 5,9 проценти. 

Откако пропаднаа сите кошнички, новогодишни и неновогодишни, јасно е дека Владата нема стратегија за спречување на расотот на цените. Прашање е дали воопшто и сака.

Последна шанса да покаже минимум почит кон граѓаните е Владата итно да интервенира со платите. СДСМ бара и поддржува покачување на минималната плата на 500 евра бидејќи ова ќе поттикне раст на сите плати. Оваа стратегија која СДСМ доследно ја спроведуваше додека беше на власт даваше резултати. Благодарение на овој пристап, со СДСМ беа потребни само две минимални плати да се покрие потрошувачката кошничка, а денес со ДПМНЕ се потребни три. 

Ако минималната плата не се зголеми на 500 евра, тоа ќе значи дополнително влошување на животот за илјадници семејства, кои веќе едвај врзуваат крај со крај. Покачување на платите е единствениот начин да се спречи понатамошното осиромашување на граѓаните и да се овозможи економски напредок. Без оваа мерка, стотици илјади работници ќе продолжат да работат за плата што не е доволна ниту за покривање на основните трошоци.