Skip to main content
Свет

Русија соопшти дека погодила три пловила во пристаништето Черноморск, како и магацин за дронови и фабрика во Одеската област

11/09/2026  14:13

Руските вооружени сили извршиле напади врз два товарни брода со воена опрема, еден воен чамец, магацини за дронови и фабрика за воена опрема во Одеската област, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.

Според соопштението на Министерството, во пристаништето Черноморск биле погодени два товарни брода што превезувале пратки со воена намена, воен чамец, резервоари со гориво и мазива, како и магацин со опрема наменет за Вооружените сили на Украина (ВСУ).

Руското Министерство за одбрана дополнително информираше дека меѓу целите бил и магацин за компоненти за дронови од странско производство во близина на населбата Визирка, како и фабрика за автомобилски агрегати во Одеса, каде што се вршела поправка на опремата на ВСУ.

Во соопштението од Москва не се наведува кога точно биле извршени нападите, ниту се дадени дополнителни детали за евентуални жртви или за причинетата материјална штета.