
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески учествуваше на панел дискусија на тема „Креирање на трудови политики и законска рамка“, која се одржа во рамки на конференцијата „Трудови политики и колективни договори – законска рамка, примена и предизвици“ .
– Доколку сакаме да промовираме градење консензус и демократско вклучување на главните чинители во областа на трудот, потребни ни се структури и процеси за социјален дијалог кои имаат потенцијал да решат важни економски и социјални прашања. Оваа Влада е вистински партнер во трипартитниот дијалог со синдикатите и работодавачите и за првпат Економско-социјалниот совет е подигнат на едно повисоко стратешко ниво. Нашата желба за соработка е искрена и само преку отворен и искрен социјален дијалог можеме да креираме одржливи и фер политики кои се од интерес за сите страни – кажа заменик-министерот Ристески.
На панел дискусијата Ристески се осврна и за важноста на колективните договори, наведувајќи го големиот број на договори во разни гранки и институции кои беа потпишани во јавниот сектор изминативе две години се директна последица на колективното договарање со синдикатите и преку кои значително се унапредија правата на вработените, обезбедувајќи поповолни услови и повисоки плати за нив.
Конференцијата „Трудови политики и колективни договори – законска рамка, примена и предизвици“ е во организација на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК и се организира по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот.

