
Во време кога секојдневието ни поминува во брзање, а вниманието е насочено кон обврските, често забораваме на она што навистина е важно – чувства, емпатија и меѓусебна поддршка. Но, за среќа е потребно малку. Понекогаш, доволен е само еден гест за да измами насмевка и да не потсети дека секој нов ден е нова шанса за среќа.
Токму со таа мисла, по повод 8-ми март, низ срцето на Скопје еден посебен олдтајмер – Фичо кабриолет, беше причината за многу насмевки, носејќи едноставен, но значаен подарок за дамите – црвена ружа, симбол на почит, внимание и љубов. Цвеќињата беа подарени на случајни минувачи – жени, како потсетник дека секоја од нив е важна и посебна, на свој начин. –
Овој автомобил, Fico d’Epoca кој носи дух на едно минато време, предизвика носталгија кај повозрасните и восхит кај помладите. Тоа е симбол на ера во која луѓето живееле побавно, но посуштински – со вистински вредности, со повеќе внимание еден за друг. Токму затоа, неговото присуство на улиците низ Дебар Маало беше совршен погодок за денот на жената, затоа што жените сакаат нешто поразлично и несекојдневно.
Освен што им се разубави денот на дамите кои добија цвеќе, ова необично фичо измами насмевки и кај останатите минувачи. Неговиот ретро шарм, безвременска елеганција и класика ги потсети сите дека малите нешта навистина прават голема разлика.
И најважно од сè, да не заборавиме да ги славиме, почитуваме и цениме жените – денеска и секој нареден ден.
