
Речиси кај половина од птиците преселници во светот бројноста се намалува, додека секој деветти вид е загрозен од исчезнување, покажува новиот глобален извештај на организацијата „БирдЛајф интернешнл“ (BirdLife International).

Извештајот „Состојбата на птиците во светот“, претставен на Глобалниот самит за миграциски коридори во Најроби, укажува дека дури 45 отсто од видовите птици преселници се во опаѓање. Особено се загрозени морските и крајбрежните птици, кои зависат од зачувани крајбрежни и морски живеалишта.
Меѓу главните причини за намалувањето на нивната популација се наведуваат загубата и уништувањето на живеалиштата, интензивното земјоделство, климатските промени, загадувањето, инвазивните видови и неодржливиот лов.
Размерите на проблемот станаа уште поочигледни минатата година, кога беше потврдено дека тенкоклунестиот сврдел (slender-billed curlew) е целосно исчезнат. Тоа е првото потврдено глобално исчезнување на вид птица на подрачјето на континентална Евроазија и Африка во последните неколку века.
Сепак, експертите истакнуваат дека ситуацијата не е безнадежна. Во некои делови од светот е забележано обновување на популациите по отстранувањето на инвазивните видови и обновувањето на мочуриштата и другите природни живеалишта.
На самитот во Најроби владите, научниците, невладините организации и финансиските институции усвоија декларација со која се повикува на подобра заштита на големите миграциски коридори што птиците ги користат при сезонските преселби. Развојните банки од 2021 година мобилизирале повеќе од шест милијарди долари за зачувување и обновување на клучните живеалишта.
Експертите предупредуваат дека птиците преселници не ги познаваат државните граници, па нивната заштита бара меѓународна соработка. Судбината на овие видови истовремено е важен показател за состојбата на целите екосистеми од кои зависат и луѓето.
