
Незастарување на кривичниот прогон и конфискацијата на незаконски стекнатиот имот од политичка корупција, построги затворски казни и посебен закон за потекло на имот бараат организаторите на „Разговори за иднината во 12:05“.
Во реакцијата на најавениот нов Кривичен законик, тие оценуваат дека станува збор за чекор напред, но бараат конкретни механизми за одговорност по последиците од измените од септември 2023 година.
Првото барање е воведување нов член 112-а, со кој би се предвидело незастарување на прогонот и конфискацијата за дела поврзани со политичка корупција. Предлогот ги опфаќа избраните и именуваните лица, како и јавните и државните службеници во централната и локалната власт кои располагаат со буџетски средства и државен капитал, а стекнале противправна имотна корист.
Вториот предлог се однесува на повисоки казни за противправно стекнување и прикривање имот. Во посочените одредби предлагаат минималните казни да се зголемат од шест месеци на три години и од една на пет години затвор, а максималните од пет на десет и од осум на петнаесет години.
Со третото барање предлагаат посебен закон за потекло на имот, кој би овозможил проверка на движниот и недвижниот имот на сегашните и поранешните избрани и именувани лица и нивните потесни семејства.
Организаторите ги критикуваат измените на Кривичниот законик од 2023 година, оценувајќи дека овозможиле застарување на предмети и избегнување одговорност. Бараат антикорупциските мерки да се применуваат еднакво, независно од партиската, етничката или верската припадност.


