Skip to main content
Македонија

Институциите да престанат со декларативни осуди и да почнат со превенција и заштита на жртвите од родово базирано насилство

16/11/2026  09:51

Пишува: Доц. д-р Стефан Васев, професор по антропологија на Филозофски факултет – Скопје

Кога насилството врз жените и девојчињата станува повторлива општествена појава, не смееме секој нов случај да го третираме како изолиран инцидент. Мораме сериозно да се запрашаме што се случува со вредносниот систем во кој растат младите, но и што преземаат институциите за да го спречат насилството пред тоа да се случи.

На какви вредности ги воспитуваме и образуваме младите? Дали образовниот систем навистина создава личности со развиена емпатија, чувство за одговорност, почитување на другиот и свест за сопствените постапки или образованието сè уште го сведуваме исклучиво на стекнување знаења, оценки и формално исполнување на наставните програми?

Последниот случај во Охрид е само уште еден во низата случаи што ја отвораат истата суштинска дилема: дали државата воопшто има функционален и системски пристап кон превенцијата и справувањето со овие појави? Проблемот е што наместо континуирано и системски да работиме на нивно надминување, ние реагираме повремено и реактивно. Се случува насилен инцидент, се отвора јавна дебата, институциите декларативно реагираат, се најавуваат мерки, а потоа сè продолжува по старо, сè до следниот случај. Тоа не е системско решавање на проблемот, туку негово хронично одложување.

Генерацијата З расте во дигитално општество во кое информациите се достапни насекаде, но нивната достапност не подразбира автоматски развој на критичка свест, емоционална зрелост, емпатија и почитување на другиот. Напротив, сведоци сме на сè поголема видливост на мизогинијата, сексуалното вознемирување, дигиталното насилство, понижувањето и контролирањето во меѓучовечките односи, појави што неретко се релативизираат, нормализираат или дури се претставуваат како форма на забава.

Социјалните мрежи, особено TikTok, сè почесто се простор во кој се репродуцираат и засилуваат различни проблематични општествени обрасци, меѓу кои волунтаризмот, егзибиционизмот и мизогинијата. Во трката по видливост, внимание и дигитална валидација, сè почесто се замаглуваат границите меѓу слободата на самоизразување и неодговорното однесување, меѓу личната слобода и непочитувањето на другиот, како и меѓу забавата и нормализацијата на понижувањето. Притоа, не станува збор за проблематизирање на слободата на изразување или личниот избор, туку за прашањето какви вредности се промовираат и какви општествени обрасци се репродуцираат преку современата дигитална култура.

Кога образовниот систем се претвора во простор за идеолошки надмудрувања, наместо во институција што треба да обезбедува квалитетно, научно засновано и вредносно издржано образование, тогаш се оддалечуваме од неговата суштинска функција. Дискусиите околу предметот „Здравје и заштита на здравјето“ треба да бидат повод за сериозна ревизија на неговата содржина и методолошки пристап, а не за негово сведување на идеолошки судири. Потребна е содржинска интервенција и концептуално унапредување преку посилно вклучување на семејната едукација, па дури и преиспитување на неговото именување во насока на „Промоција на здравјето и семејна едукација“.

Содржините треба да бидат ослободени од идеолошки предрасуди и цензура, но истовремено да се темелат врз научни сознанија, стручност, проверени информации и современи образовни стандарди. На младите не им е потребна идеолошка конфронтација, туку знаење, воспитување, критичко размислување и способност за одговорно градење меѓучовечки односи.

Но, одговорноста не завршува во училиштата. Таа е распределена меѓу семејството, образовните институции, социјалните служби, полицијата, обвинителството и судството. Секоја од овие институции има своја законска и општествена обврска, а нивната меѓусебна координација е неопходна за навремено препознавање на ризиците, заштита на жртвите и спречување на повторување на насилството.

Затоа, прашањето не е само зошто младите стануваат насилни, туку и зошто системот толку често не успева навреме да го препознае, спречи и санкционира насилството.

Од институциите не ни се потребни декларативни осуди, протоколарни изјави и повремени реакции по секоја трагедија. Не ни се потребни само post factum реакции, туку функционални и континуирани механизми за превенција, едукација, заштита на жртвите, навремено постапување и утврдување одговорност за секој институционален пропуст.

Насилството врз жените и девојчињата не е приватен проблем, ниту прашање на индивидуална нетрпеливост. Тоа е прашање на човекови права, општествена одговорност, образовни вредности и институционална функционалност.
Затоа да престанеме да се прашуваме зошто повторно се случило и конечно да побараме конкретна одговорност од оние што имаат законска и институционална обврска да спречат тоа да се случи повторно.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.