Skip to main content
Економија

Расте инвестицискиот интерес: Автомобилската индустрија се шири, а пристигнуваат и високотехнолошки инвестиции

17/08/2026  13:31

Македонската економија влегува во период во кој странските инвестиции повеќе не се сведуваат само на отворање нови фабрики, туку сè повеќе се гледа и тренд на проширување на компаниите кои веќе работат во земјата. Тоа е важен показател за довербата на инвеститорите, но и за постепеното позиционирање на Македонија како производствена база за европските и глобалните пазари.

Дел од инвестициите веќе влегуваат во производствена фаза. Во Битола започна со работа „Брејнчајлд“ со инвестиција од околу 11 милиони евра и околу 230 вработени, додека „Магна Мехатроникс“ во ТИРЗ Штип реализира инвестиција од околу 40 милиони евра, со потенцијал за околу 600 работни места при полн капацитет.

Уште позначајно е што инвестицискиот циклус го продолжуваат и компании кои веќе имаат производство во Македонија. „Костел Македонија“ од почетната вредност на приходите од околу 80 милиони евра се очекува годинава да достигне до рекордни 280 милиони евра, а бројот на вработени надмина 1.340. Компанијата „Амфенол“ покрај постојните 3200 планира уште 500 нови вработувања, додека глобалниот лидер во автомобилската индустрија „Гентерм“ најавува нова инвестиција од над 30 милиони евра и до 300 нови работни места.

Паралелно се отвора простор за нови инвеститори и нови индустрии. „Џаво Отомотив“ во ТИРЗ Тетово планира инвестиција од околу 20-21 милион евра, со 400 до 500 работни места и потенцијален годишен извоз од околу 45 милиони евра. „Чагатај Кабло“ гради фабрика во ТИРЗ Скопје 1 со инвестиција од околу 6 милиони евра на производствен објект од 10.000 квадратни метри и ќе овозможи до 200 нови работни места додека инвестициите во производство на батерии, високите технологии и електрониката покажуваат дека економската структура постепено се проширува надвор од традиционалната автомобилска индустрија.

Особено значаен пример е „BMZ Group“, која реализира инвестиција од 65 милиони евра во производство на литиум-јонски батерии со планирани 700 работни места. Дополнително, две компании од Турција и Германија од областа на високите технологии најавуваат инвестиции од околу 80 милиони евра, околу 1.000 нови вработувања и заеднички извоз од над 200 милиони евра.

Сите овие проекти го прават ефектот од инвестициите поширок од самата вредност на вложениот капитал. Новите фабрики и проширените капацитети значат поголемо производство, поголем извоз, побарувачка кон домашни добавувачи и нови работни места. Во 2024 година странските директни инвестиции достигнаа историски рекорд од 1,255 милијарди евра, а целта е овој тренд да продолжи.

Истовремено, важен дел од стратегијата е поддршката на домашните компании. Преку кредитната линија со унгарската Експорт-импорт банка, повеќе од 250 милиони евра се ставени на располагање на домашниот бизнис за нови инвестиции, проширување на производството и отворање работни места.

Она што може да биде најзначајно на долг рок е промената на структурата на инвестициите. Покрај автомобилската индустрија, се појавуваат батерии, електроника, високотехнолошко производство, енергетика, фармација и развојно истражувачки центри. Тоа создава основа Македонија постепено да премине од модел базиран на производство со пониска додадена вредност кон економија со повеќе технологии, повисока продуктивност и подобро платени работни места.

Токму затоа, вистинскиот тест за инвестицискиот циклус нема да биде само бројот на најавени фабрики, туку нивното претворање во реално производство, извоз и долгорочни работни места. Доколку најавените проекти се реализираат според плановите, ефектот би можел да биде значаен и за компаниите, и за извозот, и за вкупниот економски раст.