Skip to main content
Свет

Истече рокот од 60 дена, но нема договор меѓу САД и Иран

17/08/2026  13:35

Рокот од 60 дена што го поставија американскиот претседател Доналд Трамп и Иран во јуни за траен крај на војната и договор за нуклеарната програма на Иран истече. Наместо да постигнат напредок, Вашингтон и Техеран денес се подалеку од договор отколку кога беше потпишан привремениот договор во Версај, објавува Асошиејтед Прес .

Преговорите во последните недели во голема мера се вртеа околу повторното отворање на Ормутскиот теснец и укинување на блокадата на САД кон Иран, иако според меморандумот од јуни, и двете веќе требаше да бидат спроведени.

Нема знаци за компромис околу постојаниот режим на навигација во Ормутскиот теснец, а деталните преговори за нуклеарната програма на Иран, кои требаше да бидат еден од клучните делови од конечниот договор, дури и не започнаа сериозно. 

Речиси ништо не остана од јунскиот договор

Меморандумот за разбирање потпишан во јуни предвидуваше прекин на воените операции и 60 дена преговори за траен крај на војната и нуклеарната програма на Иран.

Договорот, исто така, предвидуваше повторно отворање на Ормутскиот теснец, низ кој минуваше околу една петтина од светската трговија со нафта и гас пред војната. Тоа му остави на Иран нејасно дефинирана улога во идното управување со сообраќајот, потег што Техеран подоцна го искористи за да побара поголема контрола врз водниот пат.

Само една недела по потпишувањето на договорот, Иран почна да пука врз бродовите што ја користат рутата долж оманскиот брег, која ја следи американската војска и требаше да овозможи навигација покрај иранската контрола.

САД одговорија со напади врз Иран, по што Техеран ги нападна земјите каде што се стационирани американските сили, вклучувајќи ги Јордан, Кувајт и Бахреин. Потоа Вашингтон ги отповика исклучоците што му дозволуваа на Иран да продава нафта и повторно ја воведе блокадата на иранските пристаништа. 

Двете страни се обвинија меѓусебно за кршење на договорот.