
Претседателот на Русија, Владимир Путин го обвини Западот дека се обидува да го испровоцира да употреби нуклеарно оружје против Украина.
Тие сакаа да нè провоцираат, сакаа да нè натераат да правиме грешки. Сепак, немаше потреба да се користи нуклеарно оружје. И се надевам дека ова нема да биде потребно ниту во иднина, изјави Путин во документарниот филм „Русија. Кремљ. Путин. 25 години“ емитуван на руската државна телевизија по повод 25-годишното владеење на рускиот претседател.
Тој наведе дека Русија има доволно сили и средства да постигне сè што ѝ беше потребно на Москва во војната што почна во 2022 година.
Путин и неговото раководство постојано се закануваа дека ќе употребат нуклеарно оружје врз Украина и нејзините сојузници во текот на војната. Американската администрација, според извештаите, имаше впечаток дека Москва можеби се подготвува да употреби нуклеарна бомба есента 2022 година. Тогаш Вашингтон преку дипломатски канали упати строго предупредување до Русија.