Skip to main content
Македонија

Пренџов: Лотарија е само почеток

22/12/2024  16:41

Во рамките на денешната трибина “Правдата доаѓа“, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов во врска со случајот на Лотарија и проневерата на 8 милиони евра, рече дека СДСМ и ДУИ манипулирале со јавноста само за да останат на власт, додека новата политичка генерација која дојде по 8 мај има целосно различен пристап.

„Тие манипулираат на мандатна основа со цел да бидат подолго време во власта. Разликата помеѓу порано и сега во Македонија е што по 8 мај работите не се исти и дојде нова политичка генерација која не планира да прави ништо друго освен право, правда и решавање на криминал и корупција“, нагласи Пренџов.

Пренџов во своето обраќање истакна дека случајот со Лотарија е само почеток и дека во иднина ќе излезат нови детали за поврзаноста на владеачките партии со овој проект.

„Ќе има уште работи кои ќе излегуваат, ова се првичните контури на целиот тој проект, условно кажано Лотарија. Потоа ќе излегуваат кој каде изнајмувал, а тоа сите го знаеле“, изјави Пренџов.

Пренџов нагласи дека поврзаноста меѓу СДСМ и ДУИ не е само политичка, туку и егзистенцијална. Според него, таа поврзаност била клучна за СДСМ да остане на власт без широка поддршка од јавноста, додека ДУИ ја има улогата на клучен партнер кој ги поставува правилата на игра.

„Тие имаа една поврзаност, и таа е повеќе од политичка поврзаност, јас би рекол дека тоа е егзистенцијална поврзаност. СДС поддршка од јавноста немаше никаква од анкетите, да вие без народна поддршка и легитимитет и кредибилитет да имате премиер и министри, а ДУИ да бидат оние кои што ќе бидат оние кои ќе ги пишуваат правилата на игра за да бидете на власт“, истакна Пренџов.

Пренџов исто така истакна дека оваа поврзаност ќе продолжи и во иднина, но со нови предизвици, кога политичарите ќе мора да се соочат со своите постапки.

„Пораката сериозно се испраќа дека во Република Македонија, ‘како до сега’ времето го нема, политичари кои ќе се пазарат веќе нема и кој што правел тоа ќе го видиме сите во јавноста и ќе се процесира низ институциите на системот“, заклучи Пренџов.