
Министерот за здравство Сашо Клековски и ректорот на Универзитетот Тракија од Едрене, проф. д-р Мустафа Хатиплер, денеска во Скопје потпишаа протокол за соработка во областа на здравството, со важност од пет години.
Протоколот е потпишан во рамки на проектот „Мостови на братството” — балканска соработка во здравството и обука во текот на работата, што Универзитетот Тракија го спроведува со поддршка на Министерството за здравство на Република Турција. Македонија е третата земја вклучена во проектот, по Косово и Бугарија.
Соработката предвидува:
- стручни престои и практична обука на македонски здравствени работници на Медицинскиот факултет и во Универзитетската болница во Едрене;
- размена на знаење и клиничко искуство меѓу стручните тимови;
- заеднички научни истражувања и стручни настани;
- институционална соработка што, покрај медицината, ги опфаќа и стоматологијата, фармацијата и здравствените науки.
Протоколот е продолжение на меморандумот за разбирање во областа на здравството што министерот Клековски го потпиша со министерот за здравство на Република Турција, проф. д-р Кемал Мемишоглу, во октомври годинава во Истанбул, каде што стручната размена и специјалистичката едукација беа определени како приоритетни области.
Во делегацијата на Универзитетот Тракија беа и проректорот и декан на Медицинскиот факултет проф. д-р Седат Устундаг, деканот на Факултетот за стоматологија проф. д-р Али Јилмаз и директорот на Универзитетската болница проф. д-р Алкин Чолак.
„Договорите вредат онолку колку што од нив ќе почувствува корист еден пациент. Со овој протокол нашите здравствени работници добиваат место каде ќе се доусовршуваат, а знаењето што ќе го донесат останува тука”, изјави министерот Клековски.


