Search

Повеќе од 500 песни доставени до организаторите на годинешниот МАРС

Македонскиот радиски фестивал (МАРС) оваа година ќе го прослави својот 10-годишен јубилеј. Традиционално, и оваа година ќе бидат избрани најпопуларните радиохитови на годината, селектирани и испратени до организаторите од над 30 радиостаници во Македонија.

„Стигнавме да го направиме и 10. македонски радиски фестивал, кој последниве години многу повеќе личи на манифестација отколку на фестивал. Ние уште пред неколку години ги трансформиравме фестивалот и начинот на валоризирање и на наградување. Начинот на изведба на нештата се претвори во еден вид манифестација која ги наградува како авторите така и изведувачите. По многу нешта останавме не само единствени во земјава туку и во регионот. Кога почнувавме, ги имаше Хрватскиот радиски фестивал, Србија го имаше својот радиски фестивал и Босна и Херцеговина радискиот фестивал. Нив повеќе ги нема, а ете ние опстанавме 10 години“, истакна Антонио Димитриевски, организатор на МАРС 2017. Тој додаде дека членовите на „Меморија“, кои се докажаа дека со децении може да бидеш на македонската сцена и дека можеш да продолжиш да се надградуваш, на само неколку дена пред својот голем концерт ќе настапат на МАРС 2017.

Десеттиот јубилеј повторно е во организација и продукција на КЦ „Александар Македонски“ и е поддржан од страна на Град Скопје.

Повеќе од 100 изведувачи и 500 песни испратени од македонските радиостаници беа разгледувани и најслушаните се најдоа на финалната листа. Таа беше оценувана од страна на посебно жири составено од претставници на национални и локални радија од повеќе  региони од Македонија.

Изведувачот што ќе биде прогласен за апсолутен радиохит за 2017 година добива парична награда од 60.000 денари, а за авторот на една од финалните песни, чиј текст ќе биде прогласен како најдобар од страна на реномирани новинари од разни медиуми во Македонија, ќе добие награда од 10.000 денари.

МАРС 2017 ќе се одржи во вторник, 14.11.2017, со почеток во 20.30 часот во Македонската опера и балет.

Треба да знаете
Последни објави