Skip to main content
Балкан

Поранешниот градоначалник на Паг уапсен во антикорупциска акција во Хрватска

17/06/2025  10:39

Хрватската полиција синоќа уапси неколку лица во Задар, Загреб и градот Паг на истоимениот остров во рамки на акција на хрватската Служба за борба против корупцијата и организираниот криминал (УСКОК), јави хрватската јавна телевизија ХРТ. Меѓу уапсените е и поранешниот градоначалник на Паг, Анте Фабијаниќ.

Анте Фабијаниќ, член на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ), ги загуби локалните избори на почетокот на месецов. На денот на изборите до Државната изборна комисија беше поднесена пријава дека цел ден стоел пред избирачкото место во Паг и ги убедувал гласачите да гласаат за него.

Истрага се води и против возачот на Фабијаниќ, директорот на комуналното претпријатие за хигиена во Паг, како и против геодет од фирмата што соработувала со општината.

Според информациите на порталот „Индекс“, Фабијаниќ е осомничен дека учествувал во делење на тендери на подизведувачи поврзани со комуналното претпријатие за отпад во Паг. Неколку локални компании потврдиле дека ги заобиколувал јавните набавки и фаворизирал фирми со кои имал врски.

УСКОК соопшти дека извршува претреси на станови и деловни простории во Паг, Задар и Загреб поради основани сомнежи за сторени корупциски кривични дела. Истрагата продолжува, а се очекува да бидат поднесени и обвиненија.