Skip to main content
Балкан

Поранешниот градоначалник на Паг уапсен во антикорупциска акција во Хрватска

17/06/2025  10:39

Хрватската полиција синоќа уапси неколку лица во Задар, Загреб и градот Паг на истоимениот остров во рамки на акција на хрватската Служба за борба против корупцијата и организираниот криминал (УСКОК), јави хрватската јавна телевизија ХРТ. Меѓу уапсените е и поранешниот градоначалник на Паг, Анте Фабијаниќ.

Истрага се води и против возачот на Фабијаниќ, директорот на комуналното претпријатие за хигиена во Паг, како и против геодет од фирмата што соработувала со општината.

Според информациите на порталот „Индекс“, Фабијаниќ е осомничен дека учествувал во делење на тендери на подизведувачи поврзани со комуналното претпријатие за отпад во Паг. Неколку локални компании потврдиле дека ги заобиколувал јавните набавки и фаворизирал фирми со кои имал врски.

УСКОК соопшти дека извршува претреси на станови и деловни простории во Паг, Задар и Загреб поради основани сомнежи за сторени корупциски кривични дела. Истрагата продолжува, а се очекува да бидат поднесени и обвиненија.