Skip to main content
Хроника

Попладнево пукање во Скопје: Маж ранет, напаѓачот уапсен

06/06/2026  19:20

Маж од скопското село Шишево е лишен од слобода откако денеска пукал кон свој соселанец и му нанел повреда во пределот на увото, информира Министерството за внатрешни работи.

Според полициските информации, денеска (06.06.2026) полициски службеници од Полициската станица Ѓорче Петров го привеле Г.А. (43) од село Шишево, постапувајќи по претходна пријава од неговиот соселанец И.Ш.

Настанот бил пријавен околу 16:10 часот, при што И.Ш. навел дека на влезот во селото бил пресретнат од Г.А. и С.А., двајцата од Шишево.

Според пријавата, во еден момент Г.А. извадил пиштол и испукал кон И.Ш., при што му нанел повреда во пределот на увото.

Осомничениот веднаш бил лишен од слобода, а полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности под кои се случил инцидентот.

Од МВР информираат дека по комплетирањето на доказите против инволвираните лица ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.